Aктивности на проектот “Борба против нелегални шумски активности”

September 27, 2024

Во рамките на проектот “Борба против нелегални шумски активности” кој го спроведува РЕФОРД во соработка со U.S. Forest Service, во текот на март 2024 беше реализирано истражување на јавното мислење за перцепцијата за нелегална сеча кај 515 корисници на производи од дрво и/или сопственици на приватна шума, 8 дрво-преработувачките капацитети и во 7 општини, репрезенти на статистичките региони во Северна Македонија.

Целта на истражувањето е да се испита мислењето на повеќе засегнати страни за нелегалните шумски активности во Република Северна Македонија.

Резултатите од истражувањето беа презентирани пред медиумите и чинителите во шумарскиот сектор. Тие покажаа дека:

  • Голем дел од испитаниците се на мислење дека надлежните институции (Шумска полиција, шумочуварска служба, Државен инспекторат за шумарство и ловство и МВР) не ја вршат работата во заштита на шумите на задоволителен начин, при што нивната работа ја оценија со просечни оценки од 2 до 2,4 на скала од 1 до 5;
  • Општините не се задоволни од нивото на комуникација со надлежните служби во врска со спречување на нелегалните сечи;
  • Дрво-преработувачките капацитети укажаат на присуство на појава на корупција во ланецот на снабдување. Само 25% од нив веруваат дека не постои корупција, додека 37 % пријавиле дека им била понудена илегална суровина.
  • Само 1 од 7 граѓани кои биле сведоци на нелегална сеча го пријавиле случајот кај надлежните. Ова укажува на сериозен дефицит на граѓанска лојалност кон заштита на шумите. Анализа на добиените одговори, покажува дека 90% од испитаниците кои не пријавиле случаи кај надлежните сметаат дека не можат да веруваат во институционалниот систем, вклучително и оние кои не пријавуваат од страв.

Истражувањето е една од активностите на проектот “Борба против нелегални шумски активности”, кој го спроведува Регионалниот центар за рурален развој и шумарство – РЕФОРД, во соработка и со финансиска помош од United States Forest Service – USFS. Спроведувањето на проектот започна од септември 2022 година и ќе трае до крајот на ноември 2025 година.

© RefordCentre.org. All Rights Reserved.
linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram