Во рамките на проектот “Борба со нелегални шумски активности”, со помош на Амбасадата на САД, РЕФОРД организираше обука за обвинители и судии на 22 мај 2024 година во Велес. Обуката е во согласност со програмата на Амбасадата на САД која е фокусирана на зголемување на свеста за еколошкиот криминал кој е се поприсутен во светот, а кој ја опфаќа нелегалната сеча и трговија со дрво.
Како дел од оваа обука, федералниот американски обвинител, г-дин Рајан Конорс презентираше студија на случај за криминалот поврзан со шумите (меѓународна трговија со дрво од заштитени дрвни видови) што бил санкциониран од американските власти.
Покрај тоа, еден предмет од македонската судска пракса поврзан со криминал во шумите презентираше и г-ѓа Оливера Нечаковска, јавен обвинител од Битола.
Г-ѓа Аница Симонова, началник на Шумската полиција ја презентираше работата на оваа институција и проблемите со кои се соочуваат шумските полицајци во нивната секојдневната работа.
Г-дин Сашо Петровски од РЕФОРД ги презентираше деловите од новиот Закон за шуми кои се фокусирани на подобрување на заштитата на шумите од незаконски активности.
На обуката присуствуваа обвинители од одделенијата во Куманово, Тетово, Битола, Скопје и Велес, истражители од Обвинителството во Скопје и судии од Куманово и Скопје. Во дискусијата за време на обуката беа нагласени прашањата за потреба од подобра координација меѓу Шумската полиција од една страна и обвинителството и судовите, но и потребата од подобра координација помеѓу обвинителството и судовите, поради различните позиции во дефинирањето на шумските незаконски акти и можните мерки за спроведување на законските мерки кој се на сила.