Не сечи ја мојата иднина! СТОП за дрвокрадците !

March 14, 2024

Не сечи ја мојата иднина! СТОП за дрвокрадците ! е национална кампања која ја спроведува Здружение на Граѓани Регионален центар за шумарство и рурален развој - РЕФОРД во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со поддршка на Агенцијата за шуми на САД.

Тим на искусни и истакнати шумарски инженери работи на исполнување на целта да ја информира јавноста за вредноста на шумските екосистеми, но и за опасноста од нивно исчезнување поради нелегалната сеча која во последно време станува високо организирана од страна на добро организирани криминални групи.

Кажувајќи им СТОП на дрвокрадците и на организираните групи кои ја уништуваат иднината на нашите деца преку крадење на дрвјата од македонските шуми,  ја градиме оваа кампања за подигнување на јавната свест.

Главната цел на оваа кампања е да се постигне повисоко ниво на разбирање на следните 4 главни информации:

  • Шумите се чувари на нашата иднина

Шумите и нивните еко-системски функции се непроценливо богатство. Шумите имаат функција на регулирање на водниот режим и задржување на водата со што обезбедуваат природна заштита од поплави. Тие се филтри на воздухот, складиште на јаглерод и фабрика за кислород. Шумите се регулатори на температурните екстреми и место за рекреација и уживање. Македонските шуми се состојат од 319 видови дрвја и грмушки со повеќе од 80 подвидови и сорти во 119 родови и 54 фамилии, а 16% од вкупниот број видови се балкански ендеми или суб-ендемити. Покрај се, шумите се дом на многу видови на флора и фауна. Сето ова е под закана од исчезнување доколку со шумите не се стопанисува одговорно.

  • Кога купуваме дрво од дрвокрадци, поддржуваме ланци на организирани криминални групи

Во јавноста постои слика дека со нелегална сеча на дрво се занимаваат сиромашни групи на граѓани кои припаѓаат на локалните заедници. Реалноста е некогаш сосема различна. Најголем процент од соголените шумски површини се направени од страна на добро организирани и моќни криминални групи. Во неколку акции кои беа спроведени од припадници на Шумската полиција, овие групи извршија физички напад и повредија шумски полицајци и други службеници, а во најлошите случаи има и жртви при овие акции.

Затоа е потребно ефикасно процесирање на овие случаи и спроведување на правдата пред судските органи.

Кога купуваме дрво преку нелегални канали, ние стануваме соучесници и поддржувачи на овие криминални групи кои претставуваат опасност за целото општество. Купувајќи нелегално дрво му даваме економска оправданост на овој криминал и на уништувањето на нашите шуми.

  • Која е разликата меѓу легална и нелегална сеча на дрво?

При легалната сеча внимателно се одбираат стеблата за сеча, со тоа што се внимава да се одржи и да не се наруши заштитната улога на шумите. Таквата сеча е одобрена од страна на професионалци кои се грижат за шумата. Изборот на дрвја за сеча гарантира дека ќе се обезбеди простор за раст на нова шума која ќе се пошуми по природен пат или со шумски садници. Со тоа се обезбедува опстојување на шумите во иднина. При нелегалната сеча, единствено нешто за што се води сметка е личниот профит прекушто поголемо соголување на шумските површини.

 

Како да знаете дали дрвото што го купувате за огрев е од легални извори?

Треба да се внимава на неколку работи при набавката на дрво:

  1. Дрвото легално може да се набави од ентитетите кои стопанисуваат со шумите во држвна сопственост: ЈП Национални шуми и Националните Паркови, како и приватните шуми и складиштата за продажба на дрво.
  2. При легално набавено дрво, треба да добиете документ – испратница која изгледа вака

 

      3. При легално купување на дрва, дрвото треба да е означено со соодветен жиг

Жигосување е втиснување на јасно видлив шумски жиг на посочени дрвни сортименти (огревно дрво, дрво за механичка и хемиска преработка и техничко дрво ), кое се врши при прием на произведеното дрво од страна на овластени лица. Жигот е еден од индикаторите преку кои може да се утврди легалното потекло на дрвото.

Кога купувате огревно дрво од легални извори, најмалку 80% од истото мора да го има овој жиг.

 

 

     4. Внимавајте: Често се прават малверзации со количината на дрвото?

Постои одредена забуна кај граѓаните што е тоа метар просторен, а што е полн метар кубен. Во ланецот на нелегални дејствија се случува и малверзација во продажбата во метар просторен, а граѓанинот плаќа за метар кубен (м3). Во овој случај плаќаме повеќе, а добиваме помалку.

Дознајте повеќе преку прирачникот за  Борба против нелегални активности во шума

Македонските шуми се наша голема гордост и од исклучителна важност за сите граѓани на нашата држава. Да ги сочуваме заедно и да обезбедиме иднина за нас и нашите деца. Кажете му СТОП на дрвокрадството.

Институции задолжени за борба против нелегалните шумски активности (нелегална сеча на дрва) и како да ја пријавите?

 

Институции:

 -          Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство https://www.mzsv.gov.mk/

-          Министерство за внатрешни работи https://mvr.gov.mk/default

-          Јавно претпријатие Национални шуми http://www.mkdsumi.com.mk/aktuelnosti.php?a=0

 

Начин на пријавување нелегални шумски активности:

·      Можете да се орбатите во ЈП Национални шуми на телефонскиот број 02 155 22

·      Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство-

·      Преку секторот за Шумска полиција и  подружниците на Шумска полиција.

·      Преку „Пријави проблем " сегментот на страната на Министерството.

·      Со јавување на броевите 112 и 192

 

© RefordCentre.org. All Rights Reserved.
linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram